Условни казни за двајцата демонстранти што ја признаа вината за насилните протести пред владата

02.06.2015 17:04

За инцидентите на протестот пред Владата на 5-ти мај - двајцата демонстранти што признаа вина добија условни казни, а им беше укинат притворот. За двајца други , пак, ќе има уште едно рочиште...

Двајцата обвинети што признаа вина нема да минат три месеци во затвор доколку во наредната година не сторат слично кривично дело, беше одлуката на судот. Едниот од обвинетите на распитот рече дека дошол доброволно со велосипед  да прортестира мирно. Но, не можел да се воздржи кога видел дека полицајците  газат, како што рече повозрасна жена. Сакајќи да ја заштити се судрил со полицајците, но контактот бил со штитот од полицаецот. Другиот, пак, бил алкохоличар кој неуспешно се лекувал.

Не се сеќава на ништо рече пред судот бидејќи бил под терапија. Ја признава вината оти ги видел снимиките за случувањата пред владата. Со одлука на судот, и на двајцата обвинети што ја признаа вината им е укината мерката притвор. Бранителите беа начелно задоволни од одлуката на судот.

Останатите двајца се изјаснија за невини. Го отфрлија обвинението. За нив судот ја одвои постапката и го презакажа судењето за в петок. Еден од нив е во притвор, а за еден обвинет судот определил превентивни мерки. 

Според обвинението, четворицата обвинети, заедно со неколку непознати лица, со стаклени шишиња, метални шипки, камења, домати, компири , јајца и со други предмети го нападнале полицискиот кордон.

 

Фиљана Кока