Бизнисот со предлог мерки до владата

03.06.2015 13:14

Од Народната банка и Министерството за финансии бараат внимателно да ги следи финансиските трансакции за да нема неконтролиран прилив и одлив на пари...

Актуелната политичка состојба влијае негативно на економијата, велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Оваа бизнис заедница денеска излезе со предлог мерки до владата за надминување на ваквите состојби.

Меѓу мерките од Комората што ги соопшти новиот претседател Неби Хоџа, се барање за итно стабилизирање на политичката состојба од сите релевантни фактори, бидејќи, како што рече, има негативно влијание на економијата особено за домашните и странските инвестиции.

Од Народната банка и Министерството за финансии бараат внимателно да ги следи финансиските трансакции за да нема неконтролиран прилив и одлив на пари.

Хоџа појаснува дека поради ситуацијата може да се изврши секаков вид на прилив и внатре и надвор од државата и затоа треба да бидат внимателни. 

Од Комората бараат посебно внимание да се посвети на реализацијата на патната инфраструктура со посебен нагласок на автопатот кон Косово преку граничниот премин Блаце.

Од Владата бараат да се воздржи од нереални ветувања кои реално не може да ги исполни, како што се зголемување на плати, пензии, разни премии, субвенции и нереални вработувања и да не се преоптоварува и задолжува на домашниот и надворешниот пазар за овие цели.

Хоџа потенцира дека овие мерки се произлезени само од членките на Комората.