Одобрени над 5.000 ваучери за таблети на студенти

03.06.2015 16:44

Mинистерот Ивановски aпелираше до студентите кои не успеале да подигнат ваучер тоа да го сторат најдоцна до 25-ти овој месец...

Уште 296 студенти ќе добијат ваучери за набавка на таблет со тастатура. Министерот Ивановски вели дека досега преку владиниот проект биле доделени околу 5.000. Апелираше до студентите кои не успеале да подигнат ваучер тоа да го сторат најдоцна до 25-ти овој месец.

„3.200 студенти ги подигнале ваучерите од факултетите. Околу 1.900 се уште не ги подигнале ваучерите и би апелирал до нив што е можно побргу да ги подигнат и да ги искористат до 25 јуни за да набават таблет со тастатура“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Владиниот проект за набавка на ваучери за таблети е голема поддршка за студентите, но и за компаниите велат од ИТ секторот. Според Игор Кимовски најголем дел од студентите ги одбираат таблетите кои имаат износ колку и ваучерот.

„Досега над 1.000  студенти го искористија ваучерот и купија таблети од салоните на Сетек. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжат ваквите проекти кои претставуваат сериозна поддршка за студентите“, рече Игор Кимовски, еден од сопствениците на „Сетек“.

Ваучерите за теблети со надворешна тастатура во вредност од 8.000 денари се наменети за редовните студентите од трета и четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии од академската 2014/2015- та година.

Студентите ќе може да набават таблет во некоја од 52-те компании избрани преку повик од Министерството за информатичко општество.

 

Викторија Тодоровска