Вучиќ во Вашингтон: Македонија е наш пријателски сосед

04.06.2015 11:19

Ситуацијата во Македонија едно од прашањата на советникот на американскиот претседател за национална безбедност Сузан Рајс до гостинот во Белата куќа, српскиот премиер Александар Вучиќ. На средбите во Белата куќа и во Стејт Департментот разговарано и за евроинтеграциите, економијата и безбедноста во регионот...

Политичката, безбедносната и економската соработка меѓу земјите од Западниот Балкан, била тема на разговорите во Белата куќа меѓу српскиот премиер Александар Вучиќ и советникот за национална безбедност Сузан Рајс. Рајс се интересирала за односите на Србија со Косово и со Хрватска, за ситуацијата во Босна и Херцеговина и накратко за ситуацијата во Македонија.

„Многу кратко разговаравме. Јас кажав дека сум многу задоволен и горд на фактот дека Србија на никаков начин не влијаеше за создавање или продлабочување на кризата во Македонија. Македонија ја сметаме за наш пријателски сосед и секогаш ќе имаме таков однос. На никој начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на Македонија. Јас мислам дека тоа е еден фер, коректен и многу чесен пристап. Имавме таков во Белград и овде исто во Вашингтон“, изјави српскиот премиер, Александар Вучиќ.

Од американска страна била повторена поддршката за евратланската интеграција на регионот. Рајс се интересирала и за влијанието на Русија на Балканот преку снабдувањето со гас. Вучиќ требаше да има средба со американскиот потпретседател Џо Бајден, но поради смртта на неговиот син, беше примен од советникот за национална безбедност. Поради повредата на државниот секретар Џон Кери, српскиот премиер беше примен од неговиот заменик Ентони Блинкен.

Српскиот премиер Александар Вучиќ е првиот политичар од регионот којшто е поканет на средба во Белата куќа во последнава година.

 

Ирина Гелевскапостојан дописник од Вашингтон за МРТ