Градските деца имаат недостаток на природа

04.06.2015 11:27

Намален имунитет, подложност на алергии, намалена концентрација, лошо држење на телото се проблемите со кои се соочуваат градските деца, а причината е една- долго престојување во затворен простор...

Градските деца имаат една “дијагноза”, а тоа е недостаток на природа. Докажано е дека недостигот на природа предизвикува: недостаток на концентрација во учењето, децата немаат самостојност, оскудни се во комуникацијата. Сето тоа предизвикува физички недостатоци, лошо држење на телото, недоволно јак имунитет и склоност кон алергии. Планинарското друштво Закамен од Струга изминатиот викенд спроведе Младински Еко камп со 20-тина деца на возраст од 14 до 26 години на планината Јабланица.

Меѓу нив имаше и деца од 7 до 10 години кои беа со своите родители а најголемо воодушевување имаше кај малиот Бојан кај кого свеста за природата и нејзиното зачувување беше нај изразено.

За претседателот на ова друштво, овој камп нудеше одлична можност тие да научат нешто повеќе за одржливото користење на природните ресурси, да се запознаат со природните и културните вредности на планината Јабланица.

Младинскиот камп беше вистинска можност младите да се запознаат од прва рака со билките, печурките и шумските плодови на планината Јабланица, како и за нивно правилно собирање и заштита.

За 7-ми јуни ова друштво организира планинарски марш до највисокиот врв на Јабланица, Црн Камен.

Проектот со најмладите беше финансиран од фондацијата Еуронатур од Германија и фондацијата Мава од Швајцарија, а беше поддржан и од Македонско еколошко друштво.

 

Јованчо Наумоски