Бесими од Атина: Соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели
Македонија и Грција ќе ја унапредуваат билатералната соработка во насока на поддршка на евроинтеграциите- во Атина средба вицепремерот Бесими и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас...

Соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели, истакна вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, заблагодарувајќи се на топлиот прием и искрениот разговор од страна на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Двајцата министри изразија поддршка и оптимизам за разговорите и постигнатиот договор меѓу македонските политички партии на средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Тема на разговор бил и проблемот што Атина го има со нашето уставно име, но и развојот на билатералните односи во правец на поддршка на инвестиците и на економската и социјална соработка.
„Денеска дискутиравме и за тоа дека проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан е нешто што очекуваме да донесе одржлив мир и стабилност во регионот. Солунската агенда, заклучоците на министрите и денешната изјава на министерот за надворешни работи даваат јасна порака дека има надеж за евроатлантскиот пат на мојата земја и на регионот“, изјави Фатмир Бесими – вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.
Коѕиас информира дека кон крајот на месецов ќе допатува во Македонија каде што ќе бидат продолжени денешните дискусии. Во следните неколку денови пак, нашата земја ќе ја посети и политичкиот директор на грчкото Министерство за надворешни работи, со цел разговарање за мерките за градање доверба.
„После три состаноци во Будимпешта, Рига и Анталија со мојот колега, министерот за надворешни работи на соседната земја, секој од нас состави листа на предлози и видовме дека на еден или друг начин, голем дел од мерките се совпаѓаат“, рече Никос Коѕиас – минситер за надворешни работи на Грција.
За некои прашања од мерките за градење доверба, побарана е и асистенција од еврокомесарот Хан и од Европската Комисија.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
