Почнува целосната исплата на штетите од поплавите
За да им се излезе во пресрет на погодените од невремето се направи законско допрецизирање, се олесни и спроведе постапката за проценка на целокупната штета. Ветувањето за исплата на обесштетувањето Груевски го даде на народниот собир во Штип, што се одржа на крајот на март...

Денеска почнува целосната исплата на штетите од поплавите. Земјоделците и домаќинствата чии имоти и посеви беа оштетени од невремето во јануари и февруари годинава 100 отстотно ќе бидат обештетени, објави премиерот Груевски на својот Фејсбук профил.
„Тоа што го ветивме и го исполнуваме! Исплатите почнуваат денес за првите 120 земјоделски домаќинства од Општина Могила која беше еден од најпогодените региони. Во наредните три недели ќе бидат исплатени во целост сите преостанати земјоделци и домаќинства од Могила, како и сите преостанати настрадани од погодените региони кои јавија и кај кои беше констатирана штета од невремето, за што се одвоени 12 милиони евра за нивна дирекна поддршка“, напиша премиерот Груевски.
За да им се излезе во пресрет на погодените од невремето се направи законско допрецизирање, се олесни и спроведе постапката за проценка на целокупната штета. Ветувањето за исплата на обесштетувањето Груевски го даде на народниот собир во Штип, што се одржа на крајот на март.
„Кога сеуште не беа завршени проценките, најавив дека обештетувањето ќе биде високо. Сакам да потврдам дека со цел да им се излезе во пресрет на луѓето чија земја и имоти настрадаа ќе има 100% обештетување за сите погодени, согласно проценката на проценителите“, изјави тогаш премиерот Никола Груевски.
Колку што е проценето и утврдено дека имало штета толку ќе им биде исплатено на луѓето наведува Груевски во денешната објава. Истовремено, посочува дека Владата со поддршка од ЕУ обезбеди 10 милиони евра и за обнова на оштетената инфраструктура- патиштата, водоводните системи, малите брани.
Сунчица Николоска
