Претставници на Американската еврејска заедница ја посетија македонската амбасада во Вашингтон
Претставници на Американската еврејска заедница во рамките на зближувањето со странски држави ја посетија и македонската амбасада во Вашингтон. Оваа година за време на одржувањето на форумот на еврејските заедници во Вашингтон ќе бидат посетени 40 амбасади...

Претставници на американската еврејска заедница и преживеани од Холокаустот беа во посета на македонската амбасада во Вашингтон со цел повеќе да научат за Македонија. Тие имаа можност да се запознаат со македонската уметност, музика и кујна.
„Многу сме возбудени што сме дел од оваа заедница. Разбравме дека има 200 евреи коишто живеат во Македонија и сакаме да развиени односи и да видиме дали можеме да работиме заедно. Исто сакаме да видиме што мислат Македонците и ние како американски евреи да работиме заедно на прашања од вредности што ги споделуваме“, изјави Марша Брштин, регионален директор на „Американскиот еврејски комитет“.
Традиционално на годишната конференција на Американскиот еврејски комитет во Вашингтон присуствуваат и претставници на македонската еврејска заедница.
„Ние сме мала еврејска заедница. Броиме некаде околу 200 до 220 членови. Меѓутоа сме многу активни и добро сме поврзани со сите меѓународни еврејски организации. Редовно ги посетуваме сите состаноци и семинари и оваа година. Американскиот еврејски комитет е една од најоперативните еврејски заедници во светот, со доста големо влијание. Ние сме присутни секоја година кога се одржува овој форум во Вашингтон. Учествуваме и во другите европски и светски еврејски организации. Меѓутоа мислам дека иако светската еврејска заедница е доста силна, американската еврејска заедница е најоперативна и пробивна од сите, со доста лобисти и врски во светот. И ние тие врски се трудиме да ги искористиме за прогрес на нашата земја, за поврзување со нашите политичари и стопанственици. И за се што можеме да помогнеме, стоиме на располагање“, вели Пепо Леви, член на Управниот одбро на еврејската заедница во Македонија.
Еврејската заедница е една од највлијателните заедници во Соединетите Американски Држави.
Претставниците на Американската еврејска заедница оваа година ја посетија и македонската амбасада со цел да се продлабочат односите меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
