Изгласани законските измени за откуп на стаж
Во Собранието виза за измените на законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој се овозможува откуп на стажот. Осигуреникот што бил во работен однос, а не му е платен придонес за пензиско и инвалидско осигурување до 31 декември 2008-та, може сам да плати и да оствари право на пензија...

Според проценките на околу 20 илјади граѓани им недостасуваат неколку месеци или години работен стаж до пензионирањето, бидејќи не им биле плаќани придонесите од нивните работодавачи. Од министерството за труд и социјала очекуваат голем интерес за искористување на поволностите со оваа мерка.Според ресорниот министер,целта е да им се помогне на оние граѓани кои не по нивна вина ја изгубиле работата и не им биле платени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
„Ќе им помогнеме на голем број граѓани кои најчесто во периодот на транзицијата, или поради затворање на компаниите поради стечај и ликвидација, не само што го изгубија работното место, туку и не им беа платени дел од придонеите за пензиско и инвалидско осигурување за периодот во којшто работеле“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Се воведува и доброволна мерка на една година за сите кои сакаат да поднесат барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, работеле во компании, а ги нема во Централниот регистар за да можат да го платат стажот по повластена стапка. Месечно би чинело околу 2 илјади и 800-ни денари. И тие ќе можат да го откупат стажот и да им се евидентира во основицата за пресметка на пензијата во иднина. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласоска оцени дека станува збор за позитивен закон и дека голем број граѓани ќе ги искористат поволностите.
„Имајќи ја предвид финансиската состојба на овие граѓани се дава можност плаќањето да се изврши на 12 месечни рати, а основицата за наплата да биде 50 проценти од просечната плата што се исплаќала во државата во годината пред поднесување барање за плаќање на придонесот“, рече Благица Ласоска, ВМРО-ДПМНЕ.
Ова ветување што е преточено во законско решение Владата го најави пред еден месец.
Милчо Велески
