Во Македонија нема опасност од вирусот МЕРС

09.06.2015 16:11

МЕРС Корона вирусот го коси светот. Над 1.200 лица заболеле, а 40 насто од нив починале. Во земјава нема регистрирано случај на заболен од МЕРС. Но, во пресрет на летните одмори Институтот за јавно здравје со препораки до граѓаните...

Нема ризик смртоносниот МЕРС вирус кој ги напаѓа дишните патишта да се пренесе во земјава - велат надлежните. Пред три години за првпат се појави во Саудиска Арабија, а сега предизвикува епидемија во Јужна Кореја. Апел од Институтот за јавно здравје до граѓаните кои патуваат на Блискиот Исток- ако за 14 дена заболат од респираторна инфекција со треска и кашлање веднаш да побараат медицинска помош.

„Здравствениот систем на нашата држава е подготвен овие пациенти да се лекуваат симптоматски, специфична терапија не постои, вакцина се уште не е регистрирана. Институтот за јавно здравје е подготвен во вирусолошката лабораторија може да се регистрира,  постојат тестови со кои вирусот може да се потврди“, изјави д-р Кристина Ставридис, Институт за јавно здравје.

Во пресрет на летните одмори од Институтот за јавно здравје препорачуваат: да се избегнува контакт со лица кои имаат симптоми на респираторна болест, да се одржува редовна хигиена, да се консумира флаширана вода. Во местата каде што се појавува МЕРС висрусот да се избегнува термички необработено млеко и месо, а овошјето и зеленчукот да се мијат со чиста вода.

Како се пренесува вирусот се уште не е утврдено. Се смета дека се заболува од контакт со заразени животни или од друго лице преку кашлање или кивање. Во мометов нема вакцина за лекување на вирусот.

Од МЕРС Корона вирусот досега во светот заболеле повеќе од 1.200 луѓе, а 40 проценти од нив ја загубиле битката.

 

Андријана Атанасовска