Невработеноста на рекордно ниско ниво

09.06.2015 16:33

Најновиот податок на Државниот завод за статистика бележи рекордно ниски 27,3 проценти. Во 2005-та Македонија имаше 38 проценти невработеност. Во една од најтешките децении на економски план, во време на глобална економска и должничка криза невработеноста во Македонија е намалена за повеќе од 10 проценти...

Невработеноста е на историски најниско ниво. Падна на 27,3 насто. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика стапката бележи намалување за 1,1 процентен поен ако се спореди првиот квартал годинава со истиот период лани. Бројот на вработени во првиот квартал од 2015 изнесува 697.248 лица и во однос на првиот квартал лани е зголемен за 10.971 лице, односно за 1,6%. Најновите податоци на статистика покажуваат дека стапката на вработеност изнесува 41,6%  и во однос на четвртиот квартал од 2014 е зголемена за 0,1 процентен поен. 

Значителен пад на невработеноста има ако се спореди денешната слика со онаа во 2011 година. Оттогаш до денеска бројот на вработени бележи зголемување за 54.439 лица, односно за 8,5%.

Статистиката покажува дека најголем број невработени или 166.414 се на возраст од 25 до 49 години. Најголемиот дел од вработените односно 540.669 се во приватниот сектор, а 156.579 се во друга сопственост. Најмногу вработуваат преработувачката индустрија и земјоделскиот сектор. Ваквите податоци покажуваат дека продолжува континуираниот тренд на пад на  невработеноста, што е резултат на владините мерки, странските инвестиции и постојаното подобрување на бизнис климата.

И покрај светската економска криза и европската должничка криза, невработеноста во земјава од 38%, за една деценија е намалена за цели 10,7 насто.

 

Сунчица Николоска