Успешна приказна: Преку самовработување до сопствена стоматолошка ординација

09.06.2015 16:51

Програмата за почнување на сопствен бизнис е од голема помош посебно за младите кои имаат образование и капацитет за да станат газди, велат оние кои ја искористиле финансиската поддршка од државата. Во тек е вториот циклус од програмата за самовработување. 400 невработени кои имаат добра идеја ќе добијат и пари за да почнат сопствен бизнис...

Доктор Билјана Чоневска се грижи за забите на децата. По шест годишното работно искуство, дел стекнато и во странство, една година била без работа. Грантот што се доделува преку Агенцијата за вработување бил доволен поттик да отвори стоматолошка ординација.

„Подолго време имав желба да отворам своја ординација, но тоа беше главната идеја, мотив, кој ја засили мојата желба за работа, да основам своја ординација и да работам како стоматолог“, изјави д-р Билјана Чоневска, специјалист по ортодонција.

Вели има трпение и љубов, малите пациенти тоа го чувствуваат и се надева дека ќе и ја дадат довербата да се грижи за нивните заби. Задоволна е од шестмесечната самостојна работа.

„Таа програма е многу добра, особено за младите, за поддржување на младите, за поддршка на бизниси за млад кадар кој е невработен а е високо едуциран кадар“, вели Чоневска.

И други кои имаат идеја и план за сопствен бизнис како Билјана, ќе можат да го реализираат. Во тек е вториот циклус од програмата за самовработување. 400 невработени кои имаат добра идеја ќе добијат и пари за да почнат сопствен бизнис. Секој ќе добие по 200 илјади денари. За 400 мали компании од државната каса се обезбедени 84 милиони денари. За 8 години 6.775 невработени добиле грант и регистрирале своја фирма.

 

Наташа Јанчиќ