Внатрешната контрола на МВР утврди: Акцијата во кумановската населба основана и оправдана

09.06.2015 16:58

МВР информира дека акцијата била спроведена со детално изготвен план, реализиран преку посебен штаб ...

Полициската акција во кумановското „Диво насеље“ е основана, оправдана и правилна, и е во согласност со одредбите од Законот за полиција. Ова го констатирал Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната документација и утврдената фактичка состојба.

„Од страна на полициските службеници е постапувано согласно законот и употрабата на средства е основана, оправдана и правилна и во согласност со законот за полиција“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Лицата кои биле лишени од слобода и задржани во полициска станица веднаш биле известени за причините како и за делото за кое се товарат, за правото на молчење, правото на информирање на семејството, правото на бранител и правото на лекарски преглед. Бил запазен и законскиот рок на времетраењето на задржување. Ниеден немал наведено никаква забелешка. За бегството на еден од приведените, тројца полицајци се на дисциплинска.

„Се направени потешки пропусти во работењето на тројца полициски службеници, кои биле задолжени да го обезбедуваат осомниченото лице. Заради непрофесионалното постапување против тројцата е покрената дисциплинска постапка“, вели Котевски.

МВР информира дека акцијата била спроведена со детално изготвен план, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен.

 

Наташа Гркова- Петрушевска