Не престанува напливот на мигрантите

09.06.2015 19:07

Не стивнува бранот мигранти кои транзитираат низ Македонија на пат кон Западна Европа. Со велосипед, пеш или со воз- рутата од Гевгелија до Табановце врие од народ. Наша екипа сретна една група на железничката станица во Зелениково...

За нив надежта почнува со звукот од свирчето на отправникот. Сега ги нема во нашиот возНо, ги сретнавме на железничката станица Зелениково. За триесетина сиријци, сонот за подобар живот како да запрел тука. Стуткани, искинати преуморени неколку мажи, деца беа сместени во чекалната. На нивните стапала се забележуваа рани од напорниот пат. Сакале да заминат за Србија. Не им се допаѓа што ќе бидат задржани во земјава, оти не сакаат да се враќаат во Грција и Сирија.

„Шест дена пешачевме од Гевгелија. Има и деца со нас. Во Македонија луѓето не не задеваат. Некои и ни помагаат со вода и храна. Но, преуморни сме...“, вели еден од бегалците со кого поразговаравме.   

Еден од нив ни раскажа дека ни за жива глава не би се вратил назад зашто во Сирија му ја убиле сопругата и двете деца па сака да го спаси третото кое беше со него.

Со полициски комбиња, прво оние со дечиња беа одвезени од местото.

На јужната граница Македонија се најде под силен наплив на бегалци од воените жаришта. Многумина од нив беа прегазени од воз.

Други пак, стануваат жртви на  криумчарите. Властите уверуваат дека прават напори да превенираат.

А возот продолжува по  последното парче од јужната пруга Велес - Скопје, најчесто најкобната за бегалците од воените жаришта. Со надеж дека нема да се повторат неколкуте трагедии од почетокот на годинава.

 

Фиљана Кока