Отворен дневен центар за лица со интелектуална попреченост
Проектот го реализираат Минисатерството за труд и социјална политика, Град Скопје и невладината организација „Порака“...

Во скопски Капиштец е отворен дневен центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост. Проектот го реализираат Минисатерството за труд и социјална политика, Град Скопје и невладината организација „Порака“.
„Овој Центар ќе биде поддршка за родителите на лицата со интелектуална попреченост и одлична форма на вонинституционална заштита и згрижување на овие лица. Нивниот ден ќе биде исполнет со значајни содржини и програма која ќе им помага секој ден да ги унапредуваат своите вештини и да се снаоѓаат во секојдневниот живот“, изјави министерот Диме Спасов.
Тој појасни дека ја поддржуваат „Порака“ и додаде оти годинава одвоени се околу 9,4 милиони денари за сите дневни центри кои се под нив, како и за остварување на нивната годишна програма и сите активности во Македонија.
„Од тие средства издвоивме и 500 илјади денари за набавка на дополнителна опрема која им е потребна на лицата со интелектуална попреченост“, рече Спасов.
Министерот најави дека годинава планирано е отворање на нови дневни центри за деца со попреченост низ државата, во Битола, Велес, Штип, Кочани, Валандово, Липково и во Охрид. Потенцира дека се работи на реконструкција на објекти и нивно опремување во соработка со повеќе општини.
