ДИЦ: За државна матура пријавени 17.643 кандидати

10.06.2015 14:10

Утре во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература...

Оваа учебна година за полагање на државна матура се пријавени 17.643 ученици. Од нив 8.815 се од гимназиско образование, 8.550 од средно стручно образование и 278 од средно уметничко образование, соопшти Државниот испитен центар.

Утре во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 11.359 кандидати, 5.565 албански јазик и литература, а 397 турски јазик и литература. На 15 јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 16.336.

Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 134 кандидати, германски јазик 178, а руски јазик 47 кандидати.

На 17 јуни математика ќе полагаат 2.626 кандидати.

На 19 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.582 кандидати, историја - 3.856, биологија - 3.654, филозофија - 2.679, хемија - 354, физика - 119 и естетика - 204.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани 2.117 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи претставници од институциите надлежни за образованието во Република Македонија.