Градоначалникот Трајановски се сретна со учениците од збратимениот град Темпи

12.06.2015 12:29

Скопје и Темпи имаат одлична соработка која датира од 1971 година, каде што во рамките на оваа соработка досега над 150 ученици од Скопје престојувале во Темпи и обратно...

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска оствари средба со средношколците од градот Темпи, Аризона, од Соединетите Американски Држави, коишто традиционално, секоја година доаѓаат на меѓународна училишна размена кај нивните врсници од Скопје. 

„Скопје и Темпи имаат одлична соработка која датира од 1971 година, каде што во рамките на оваа соработка досега над 150 ученици од Скопје престојувале во Темпи и обратно. Покрај ученици, во овие размени учество имаат земено и студенти, уметници, спортисти, претставници на администрацијата, градоначалници... Се надевам дека за време на вашиот престој во Скопје ќе се стекнете со нови знаења и искуства, како и многу нови пријателства“, изјави градоначалникот Трајановски.

Скопје и Темпи се збратимија пред 45 години, кога за прв пат еден американски град се збратими со град во Источна Европа.