Јолевски: Македонија заслужува и е целосно подготвена за членство во НАТО
Ние работиме, и во иднина ќе продолжиме напорно да работиме и да придонесуваме кон безбедноста во светски рамки, но и безбедноста во регионот и пошироко, изјави министерот Јолевски за МРТ.

Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски учествува на Глобалниот форум „Вроцлав 2015“, што денеска и утре се одржува во Полска. Јолевски се обрати на панелот посветен на „Патот кон европа“, модериран од Марцин Заборовски, директор на полскиот Институт за меѓународни работи.
„Ја пренесов нашата јасна политика и порака дека Македонија заслужува и е целосно подготвена за членство во НАТО Алијансата. Ние работиме, и во иднина ќе продолжиме напорно да работиме и да придонесуваме кон безбедноста во светски рамки, но и безбедноста во регионот и пошироко“, изјави министерот Јолевски за МРТ.
Македонија на следниот самит што ќе се одржи идната година во Полска треба да добие покана за членство во НАТО, смета министерот за одбрана, Томаш Шимоњак.
