ЦЕИ: Министерски состанок со акцент на мигрантите
Македонија е домаќин на министерскиот состанок на Централната европска иницијатива. Во Охрид шефовите на дипломатии, владини преставници од 18 земји, дебатираат за последните случувања во регионот, евроинтегративните процеси, за стабилноста и за напредокот...

Иако главна мисија на овој меѓувладин форум е поддршка на земјите членки на ЦЕИ во евроинтегративниот процес, очекувано, како приоритет се наметна проблемот со мигрантите од кризните региони на блискиот исток и Африка.
„Сериозен предизвик – огромни напори се вложија од страна на ЕУ, а тоа што го упативме од тука како порака е дека мораме да имаме една сеопфатна стратегија со вклучување на земјите од Западен Балкан, за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Министерот на надворешни работи на Унгарија не беше прецизен дали неговата земја ќе ја затвори границата со Србија како мерка за спречување на бранот бегалци, како што се шпекулира. Шефот на српската дипломатија, од позиција на претседавач со ОБСЕ, со критичен став кон Грција иако не ја спомена по име.
„Илегалните мигранти влегуваат во нашите држави од Европската Унија. Затоа ЕУ сама треба внатре да изготви механизми и да види како нивните граници се толку порозни и како поминуваат толку многу илегални мигранти“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија и претседавач со ОБСЕ.
Оваа тема е меѓу неколкуте за кои разговараа а денешниот форум во Охрид на кој домаќин е Македонија како претседавач. Земјите членки на ЦЕИ се присутни преку Шефови на дипломатии, владини претставници или амбасадори. Беа усвоени неколку заклучоци.
„Не очекува Виенската конференција во август, на која главни теми на разговор ќе бидат инфраструктурно поврзување во регионот како главен фактор за економски развој и подобра поврзаност. Во тој контекст ќе бидат истакната неколку проекти финансирани од европските фондови од меѓународни финансиски институции, а се оденсуваат на енергетски, патни и железнички коридори во нашиот регион. Втората тема за која разговаравме е улога на НВО секторот и негово активирање во функција на засилена европска интеграција, што е приоритет за сите земји во нашиот регион“, нагласи министерот Попоски.
На форумот се обрати премиерот Груевски, а се одржаа и неколку билатерални средби. По разговорот со македонскиот колега, шефот на унгарската дипломатија истакна дека Будимпешта останува силен поддржувач на македонските евроатлантски интеграции.
„Ние мислиме дека оваа влада на Република Македонија има направено огромни постигнувања и напори за да биде поуспешна за европскиот и евроатлантскиот процес. Мислам дека кој и да се сомнева во постигнувањата на оваа влада тогаш треба да се преиспита демократското мислење на вашиот народ. Мислам дека вашиот народ направил јасна одлука 4 последователни пати на избори и тие одлуки на народот мора да бидат почитувани од секого во меѓународната заедница“, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сиарто.
Централно европската иницијатива е формирана во 1989, Македонија стана членка од четири години подоцна.
Душко Арсовски, специјален известувач од Охрид за МРТ
