Останува ДДВ од пет отсто за становите

15.06.2015 16:09

Градежната индустрија е задоволна од најавата за тригодишно пролонгирање на повластената даночна стапка од 5 % при изградба на станови. Тоа дополнително позитивно ќе се одрази врз градежниот сектор и врз вкупната економија, велат од Здружението за градежништво при Стопанската комора...

Данокот на додадена вредност од 5 насто за нови станови ќе важи до 31-ви декември 2018-та.  Законската одредба што требаше да важи до крајот на оваа ќе остане непроменета и во наредните 3 години. Ова го предвидуваат најновите измени на Законот за ДДВ кои ги подготвува Министерството за финансии, соопшти Здружението за градежништво при Стопанската комора. Повластената стапка ќе овозможи градежниот сектор да работи со ненамалена динамика, а цената на станбениот квадрат ќе продолжи да се намалува.

„Во регионот секаде станбената изградба е со општа стапка на ДДВ. Пет процентната стапка придонесе кај нас да се задржи нивото на станбен а изградба, а кај другите се намали“, вели Марија Петровска, здружение за градежништво при Стопанската комора.

Анализата на Здружението за градежништво покажала дека враќањето на повисоката стапка од 18% ќе ги поскапи становите за најмалку 13 процентни поени, што би го намалило прометот за 2 до 3 пати, а би се намалил и приливот во државната каса. Во изминативе години цената на станбениот квадрат континурирано опаѓа  и е намалена за околу 11% .

 

Цена на станови 2010-2014 г. во евра / м2        

                                2010          2012        2014

Скопје                     1.043          9 54          876

Други градови         718            704           544

 

Во 2010-та квадрат во Скопје во просек се плаќал  1.043 евра, а лани 876.  Во другите градови падот е уште поочигледен, од 718 на само 544, односно станбениот квадрат бил поевтин за речиси четвртина.

Расте и станбеното кредитирање. За 5 години е двојно зголемено, односно за купување станови биле искористени банкарски кредити вредни 186 милиони евра. Градежниците велат дека градат брзо и квалитетно, а бројот на незавршени станови опаѓа. Цената зависи пред се од атрактивноста на локацијата.

 

 

Свето Николовски