Труење со храна: Лекарите апелираат соодветно чување на продуктите
Под клуч двата ресторана од кои 16-мина излегоа со симптоми на труење. Се проверува безбедноста на храната. Лекарите апелираат продуктите соодветно да се чуваат...

Стомачни болки, повраќање, дијареа, покачена температура- викендов 16 граѓани со симптоми на труење со храна побарале помош на Инфективната клиника. Еден е задржан на болничко лекување, но неговата здравствена состојба е стабилна. Се затруле со храна на две одделни приватни забави, во два познати скопски ресторани. Мачнините им се појавиле по три часа откако јаделе крем салати и мешана скара. Двата ресторани се под клуч - се додека не се потврди безбедноста на храната. Инспекторите наредиле генерално чистење, вршење дезинфекција и вонреден санитарен преглед на вработените. Лекарите апелираат - храната соодветно да се чува.
„Храната веднаш по приготвувањето, по добра термичка обработка да се изеде, да не се чува за наредниот ден. Доколку мора да се чува да се чува соодветно, во фрижидер. Додека лесно расипливата храна, односно она што е произведено од млеко, млечни производи, сладоледи, овошни пудинзи тоа треба веднаш да се јаде или да се чува во фрижидер“, изјави д-р Марија Димзова, Клиника за инфективни болести.
Во летните месеци труењата со храна се чести. Термометрите во земјава денеска го покажуваат и 37-от степен над нулата- надлежните прогласија жолта алертна фаза. Топлото време врлијае врз здравјето.
Викендов тимовите на итната медицинска помош помогнале на 8-мина колабирани.
„Ако човекот самиот се почуствува вознемирено, треба да побара помош од оној што е најблиску до него. Прво да се тргне од затоплена просторија, колку што е можно да се престојува во климатизирани постории, ако не да се оди под сенка, ако и тоа не помага да се повика службата за итна медицинска помош која ќе пружи стручна помош“, изјави д-р Анита Димовска, итна медицинска помош.
Лекарите апелираат да се избегнува дирекна изложеност на сонце. Особено треба да внимаваат хронично болните и редовно да ја земаат пропишаната терапија.
Андријана Атанасаовска
