Состанок на ЦЕИ во Охрид: Во фокус проблемот со мигрантите и евроинтеграцијата
Проблемот со мигрантите се наметна како главна тема на министерскиот состанок на Централно-европската иницијатива што се одржува во Охрид. Позицијата на Македонија е дека е потребна сеопфатна стратегија на сите земји од Западен Балкан. ОБСЕ со критика дека одговорноста треба да се бара и кај земји-членки на Европската унија поради тоа што многу од нив имаат порозни граници...

Иако главна мисија на овој меѓувладин форум е поддршка на земјите членки на ЦЕИ во евроинтегративниот процес, очекувано, како приоритет се наметна проблемот со мигрантите од кризните региони на блискиот исток и Африка. И тоа во денот кога Турција ја отвори јужната граница за бегалците од Сирија.
„Сериозен предизвик – огромни напори се вложија од страна на ЕУ, а тоа што го упативме од тука како порака е дека мораме да имаме една сеопфатна стратегија со вклучување на земјите од Западен Балкан, за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
На иста линија е и неговиот италијански колега. Шефот на српската дипломатија, од позиција на претседавач со ОБСЕ, со критичен став кон Грција иако не ја спомена по име.
„Мора да работиме заедно, бидејќи ако мислиме да го оставиме товарот на некои земји, тогаш некогаш товарот ќе биде многу тежок за Итлија или Унгарија, а следниот пат тоа ќе биде некоја друга земја. Затоа, делењето на товарот е во интерес на цела Европа“, вели Паоло Џентилони, министер за надворешни работи на Италија.
„Илегалните мигранти влегуваат во нашите држави од Европската Унија. Затоа ЕУ сама треба внатре да изготви механизми и да види како нивните граници се толку порозни и како поминуваат толку многу илегални мигранти“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија и претседавач со ОБСЕ.
Оваа тема е меѓу неколкуте за кои разговараа а денешниот форум во Охрид на кој, како претседавач домаќин е Македонија. Во заедничкото коминике беше истакната важноста од натамошно инфраструктурно поврзување преку енергетски, патни и железнички проекти проекти финансирани од европските фондови. Но, и она што исто така е заедничка цел- евроинтеграциите.
„Сите земји од Западен Балкан имаат иднина во ЕУ и таа иднина ги определува и перспективите на земјите од нашиот регион. Но нашиот заклучок од тука и пораката упатена до европските партнери беше дека таквата иднина мора да биде заокружена со една јасна временска рамака. Без таква рамка би се намалил кредибилтетот на европската иднина“, нагласи министерот Попоски.
Централно европската иницијатива е формирана во 1989, Македонија стана членка од четири години подоцна.
Душко Арсовски, специјален известувач од Охрид за МРТ
