Уреден вториот дел на парк „Македонија“
Станува збор за парк со зелена површина од околу 32 000 квадратни метри, којашто претходно беше запуштена и на која имаше тополи коишто беа стари и претставуваa опасност за минувачите и за рекреативците...

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, секретарот на Град Скопје Маријанчо Тодоровски, директорот на ЈП„Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ и директорот на ЈП„Улици и патишта“, Синиша Ивановски, денеска официјално го пуштија во употреба вториот дел на Паркот Македонија, покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов.
„Екипи на Град Скопје го уредија и вториот дел на Паркот Македонија, покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Станува збор за парк со зелена површина од околу 32 000 квадратни метри, којашто претходно беше запуштена и на која имаше тополи коишто беа стари и претставуваa опасност за минувачите и за рекреативците. Во рамките на паркот е оформена и една трим патека со бела ризла и една асфалтирана патека со 48 клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. По должината на паркот се поставени и 3 летниковци, а во еден од нив се поставени и 4 мермерни шаховски табли, коишто на граѓаните им овозможат да уживаат во него без разлика на временските услови и годишните времиња. Во паркот има и содржини намените за децата, односно се поставени детски реквизити направени од дрво, еко-реквизити во форма на замок, а на дел од трим патеката има и фитнес справи за вежбање. Во вториот дел на Паркот Македонија е поставена и нова хидрантска мрежа со 192 прскалки со кои ќе се полева зеленилото во паркот, а наесен и напролет планираме да засадиме околу 800 садници, од кои околу 300 дрвја ќе бидат листопадни, а околу 500 зимзелени и тогаш паркот ќе го добие вистинскиот лик. За реализација на овој проект од Буџетот на Градот се издвоени околу 15 милиони денари“, истакна градоначалникот Трајановски.
На уредувањето на новата зелена површина работеа екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ и на ЈП „Улици и патишта“.
