Измени во Законот за азил

16.06.2015 15:04

Секој мигрант кој ќе ја премине границата ќе може да остане најмногу 72 часа, а потоа ќе мора да ја напушти Македонија или да бара азил. Измените на законот ќе се носат по скратена постапка...

72 часа легален престој во Македонија ќе имаат сите мигранти. Потоа ќе мора да ја напуштат земјава или да побараат азил. Ова го предвидуваат измените на Законот за азил, кои поминаа во Влада, а в понеделник ќе се најдат на собраниска седница.

„Странец на граничен премин или пак во внатрешноста на Република Македонија пред овластено лице, да може да искаже намера за признавање на правото за азил. Полицискиот службеник ќе го информира и ќе го упати лицето дека во рок до 72 часа тој може и официјално да го поднесе барањето за правото на азил до овластениот орган“, изјави Александар Ѓоѓиев, портпарол на Владата на Република Македонија.

Ќе се формира и координативно тело од 5 министерства, што постојано ќе ја следи состојбата со мигрантите. Со зголемен број волонтери и со засилени акции на терен, помош овозможува и Црвениот крст. Два мобилни тима секојдневно даваат прва помош на патот од Гевгелија до Скопје. Четири интервенции на рана бременост, едно породување во Гевгелија, скршеници, изгореници, се само дел од проблемите со кои се соочуваат медицинскитеекипи кои имаат по 230 интервенции на ден.

„Последните седум дена се направени вкупно 1.630 интервенции“, вели Саит Саити, генерален секретар на Црвен Крст на Македонија.

Од Црвениот крст велат дека продолжува нивната грижа за здравјето намигрантите во прифатните центри. Во изминативе 5 месеци се реализирани над 2.000 прегледи.

„Имаме обезбедено лекар седум дена во неделата, а олеснителна околност е што нашиот лекар зборува арапски, така што комуникацијата со овие лица е многу олеснета“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен Крст на Град Скопје.

Од Црвениот крст апелираат граѓаните во нивните подружници  да донираат вода, храна, хигинески продукти за мигрантите сместени во центрите. За донација отворен е и бројот 143 400 на трите мобилни опратори.

 

Наташа Јанчиќ