Полесен пристап до матичните книги

16.06.2015 15:38

Граѓаните нема да мораат барањата да ги предаваат во градот каде што се родени, туку ќе можат да ги поднесуваат без разлика во кој град или населено место се наоѓаат...

Електронскиот матичен регистар ќе овозможи подобар пристап на граѓаните, на многу полесен начин да дојдат до извод од матичната книга на родени, венчани и умрени.  Директорот на Управата за водење матични книги Силас Муслиоски информираше дека во завршна фаза е воведувањето на електронскиот регистар.

Граѓаните нема да мораат барањата да ги предаваат во градот каде што се родени, туку ќе можат да ги поднесуваат без разлика во кој град или населено место се наоѓаат, а каде што има електронско водење на матичните книги, изјави Муслиоски. Со вака поднесеното барање, документите ќе можат да се подигаат за час до час и половина и ќе му биде издаден електронски.

„Во декември оваа година кога ќе се поврзат сите институции, а тоа се 15 нови институции и претходните четири, со кои го започнавме првиот проект, тоа се вкупно 19 институции, и со овие дополнителни дваесет услуги, граѓаните ќе можат 99 отсто од услугите што ги добиваат од државните институции да ги добиваат на еден шалтер“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Годишно до Управата за водење на матичните книги на ниво на цела држава стигнуваат околу 350 илјади барања.