Одржлива енергија: Oд отпад до гориво!

16.06.2015 16:13

Технолошко- металуршкиот факултет докажа дека и во Македонија може успешно да се произведува дизел гориво од различен отпад...

Од пластичен отпад  може да се произведе квалитетно гориво. Технолошко- металуршкиот факултет докажа дека и во Македонија може успешно да се произведува дизел гориво од различен отпад. Се работи на технологии за добивање  дизел гориво од пластика, гума и употребувано моторно масло. Од килограм пластични полиетиленски кеси во лабораториски услови биле добиени 1.050 милилитри квалитетно гориво. 

„Веќе 10 години произведуваме биодизел од различни типови на растителни масла и отпадни масла  и масти од прехранбената индустрија. Во последниве две години  работиме интензивно на добивање безбедни, употребливи горива од пластиката, од гумата и од био масата. Дел од тоа гориво може веднаш да биде употребено, а дел  понатаму може да се доработи за да дојде до фаза на безбедно користење“, изјави проф. д-р Славчо Алексовски, Технолошко- металуршки факултет Скопје.

Документот за зелената економија на Европската комисија вели дека до 2020 година  ќе бидат креирани 3 милиони работни места. Поради тоа младите и образовниот систем имаат клучна важност за успешна енергетска транзиција од фосилни горива до  обновливи извори на енергија.

„Целта на саемот е да ја подигне свеста на младите за можностите за студирање, за вработување, за професионален и академски развој во областа на обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност. Исто така, да ги соедини фирмите за да имаат  соработка за младите да имаат можност за пракса кога ќе завршат факултет да имаат можност каде да се вработат, да ги согледаат тие можности“, изјави Марко Соколовски, еколошко движење „Гоу Грин“.

На Саемот на чиста енергија беа претставени низа иновации и нови технологии во производството на енергија од обновливи извори.

 

Свето Николовски