Макстил ги заврши активностите за добивање еколошка дозвола
Целиот процес ја чини компанијата 22 милиони евра. Менаџерскиот тим тврди- мерната станица за амбиентален воздух е набавена, но се уште не е поставена. Со неа ќе се мери загадувањето на воздухот...

Макстил ги заврши активностите за еколошката дозвола. Компанијата целата постапка ја чини 22 милиони евра. Од Фабриката велат дека во моментов имаат намален број на нарачки. Според менаџментот на компанијата, политичката криза не влијае на обемот на производство, летниот период компаниите од металургијата имаат помалку работа. Очекуваат дека исполнувањето на оперативниот дел од договорот ќе им помогне да намалат трошоците и побрзо да ги надминат загубите.
„Ние веќе направивме некои зафати кои ни ги намалија трошоците, па загубата што ја правевме сега е преполовена, што е многу значајно. И инвестициите за зголемена енергетска ефикасност, тие исто така ќе ни се вратат за околу година и половина, до две“, вели претседателот на одборот на директори на Макстил, Минчо Јорданов.
Од Макстил велат дека добиените вредности во пробната работа се пониски и од европските 5 милиграми на метар кубен. Набавена е и мерната станица за амбиентален воздух.
„Добиените вредности од мерењата извршени во периодот од пробната работа, но и после тоа, покажуваат дека максималните емисиони вредности се движат во рамките од 0,01 милиграм до 0,03 милиграми на метар кубен“, изјави генералниот директор, Иван Бановски.
Поставувањето на системот за отпрашување Макстил го чини од 12 милиони евра. Крајниот рок за воспоставување на системот беше 31-ви октомври 2014 година, откако компанијата доби пролонгирање од 6 месеци.
Дијана Ценевска
