Државните над партиските интереси- став на ЕУ
За ЕУ приоритет е надминувањето на политичката криза во земјава, како и спроведувањето на неопходните реформи за придружување. Во Брисел високата претставничка за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Федерика Могерини се сретна со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими. Могерини го повторила ставот на Хан- придржувајте се кон договорот од 2-ри јуни...

Политичкиот дијалог да продолжи, да се почитува постигнатиот договор од 2-ри јуни, а политичките партии да ги стават државните интереси над партиските со цел да се реализираат приоритетните реформи во Република Македонија за членство во Европската унија. Ова се главните пораки на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
„Во текот на идната недела, во Советот на ЕУ ќе има дискусии за Република Македонија и со голема загриженост ќе ја следат состојбата во Република Македонија. Очекуваат политичките лидери да покажат политичка зрелост и подготвеност за изнаоѓање на решенија за имплементација на тоа што е постигнато како договор во Скопје“, изјави вицепремиерот Бесими.
Инаку во текот на вчерашниот ден на средба со комесарот Хан, вицепремиерот Бесими го доби официјалниот извештај кој ќе биде разгледуван на Советот во кој се содржани мерките и препораките за надминување на политичката криза која има импликации на евроинтеграцискиот процес.
Ниту денеска нема најава за нова лидерска средба со европските преставници. Засега се упатуваат само пораки, политичките лидери да вложат максимални напори да го реактивираат политичкот договор и имплементација на реформите.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
