Македонија- активен придонесувач за подобрување на безбедноста во регионот

18.06.2015 14:57

Четвртата меѓународната вежба „ИПА КАМПЕКС 2015“ се одржува во Македонија. Симулацијата е начин на приближување на земјите од Западниот Балкан. Вежбата што се одржува од 17-ти до 19-ти јуни е наменета за проверка и унапредување на постојните постапки за давање и примање меѓународна помош во случај на големи катастрофи...

Земјотресот ја разурнал метрополата. Под уранатините се слушаат лелеци. Повредени и исплашени граѓани бараат помош. Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на терен ја даваат неопходната помош.

Ова беше симулација на најголемата меѓународна вежба на ЕУ за цивилна заштита. Целта на вежбата е подигање на шатори за најкусо време и згрижување на населението. На симулацијата во скопско Визбегово учествуваа тимови од осум држави. 700 луѓе работеа на организирање и спроведување на вежбата.

„Вежбите се многу корисни секогаш, за да бидеме спремни да реагираме во вистински ситуации. Еден мој колега ги опишува како еден голем супермаркет од кој можеш да земаш колку сакаш- без пари“, вели Влатко Јовановски, Дирекција за заштита и спасување.

Справувањето со вонредни состојби, големи катастрофи, како на национално така и на регионално ниво е многу важно за Македонија, која е активен придонесувач во напорите за подобрување на безбедноста во регионот и пошироко, рече Министерот за одбрана Зоран Јолевски.

„Како земја кандидат добивме шест препораки за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и континуирано придонесуваме во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ преку учество на нејзините бобрени групи и во мисијата Алтеа“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Симулацијата е начин за приближување на земјите од Западниот Балкан, сметаат и странските претставници.

„Нема потреба да кажам дека блиската соработка во текот на вонредните состојби не може да се импровизира, мораме сите да научиме како тоа да го направиме пред време и да ги направиме претходните подготовки“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Вежбата што се одржува од 17-ти до 19-ти јуни е наменета за проверка и унапредување на постојните постапки за давање и примање меѓународна помош во случај на големи катастрофи.

 

Наташа Јанчиќ