Почна проширувањето на главната улица во Маџари

18.06.2015 15:46

74 милиони денари е вредноста на инвестицијата. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска го означија почетокот на градежните работи...

Целосно ќе се обнови главната улица во скопската населба Маџари. 74 милиони денари е вредноста на инвестицијата. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска  го означија почетокот на градежните работи.

Проектот ќе се реализира во две фази, а во оваа фаза улицата Маџари ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата Јужноморавски бригади до улицата Палмиро Тољати во должина од 666 метри.

„На новопроширената делница ќе се постави и ново улично осветлување. Градежните работи за проширување на улицата Маџари на овој потег ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација“, рече градоначалникот Трајановски.

Претседателот на Владата, Груевски, нагласи дека улицата Маџари е многу фреквентна улица на која се наоѓаат многу институции и дека со нејзиното проширување ќе се подобри сообраќајот во овој дел од градот.