Ставрески: Реализацијата на ланскиот Буџет овозможи добри економски резултати
Во 2014-та е остварен втор најдобар резултат во Европа со економски раст од 3,8%, странските директни инвестиции достигнаа 262 милиона евра, невработеноста беше намалена за еден процентен поен. Пензиите пораснаа, а земјоделските субвенции се исплаќаа навреме...

Добрата реализација на ланскиот буџет овозможи постигнување солидни економски перформанси. Во 2014-та е остварен втор најдобар резултат во Европа со економски раст од 3,8%, странските директни инвестиции достигнаа 262 милиона евра, невработеноста беше намалена за еден процентен поен. Пензиите пораснаа, а земјоделските субвенции се исплаќаа навреме, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, презентирајќи ја завршната сметка на ланскиот Буџетот пред матичната собраниска комисија.
„Реализацијата на Буџетот овозможи добри економски резултати и задржување на фискалната и макроекономската стабилност што е значајно за Македонија како мала земја во која мора да се води сметка за вкупното ниво на долг и на буџетскиот дефицит, а од друга страна буџетот да се искористи како главен инструмент за поддршка на економскиот раст“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Приходите биле реализирани со 94% од планираното,додека расходната страна била исполнета со 96%. Економскиот раст најмногу го придвижувале бруто инвестициите и динамичниот раст на извозот од 17%, во најголем дел охрабрен од заживувањето на европската економија. Истовремено се менува структурата на експортот и се повеќе доминираат технолошки пософистицирани производи.
Капиталните расходи, според Ставрески, се однесувале на реализација на многубројни инфраструктурни проекти, патниот Коридор 10 во кој се инвестирани 2,3 милијарди денари, реконструкцијата на железничките линии во вредност од 529 милиони, вложувањата во гасоводниот и енергетскиот систем, комуналната инфраструктура.
И покрај ваквите инвестициски зафати, Македонија и натаму го одржува нивото на долгот на умерено ниво и според предвидената динамика, вели Ставрески, а државниот долг на крајот од 2014 година достигна 38,2 процента од БДП, што е четврт најнизок државен долг во Европа.
Свето Николовски
