Нови поволности за социјално ранливите категории

18.06.2015 16:34

Нови поволности во проектот „Енергетска сиромаштија“. Владата ќе помага со дополнителни 100 денари во сметките на социјално ранливите групи. Постдипломците од овие групи исто така ќе бидат ослободени од плаќањето за магистерските и докторските студии...

Ново зголемување на помошта за социјално загрозените во рамки на проектот „Енергетска сиромаштија“. Премиерот Никола Груевски објави дека помошта за потрошена електрична енергија се зголемува на 800 денари. Државата на овој начин ги помага ранливите категории на семејства уште од 2010-та кога стартуваше проектот. Владините субвенции ги користат над 50 илјади семејства. За овој проект лани беа одвоени 80 милиони денари, а ќе продолжи и во следните години со покачување на субвенциите.

„Планот е спoред програмата на Владата од следната година да биде 900 денари, а од 2017-2018 да биде 1.000 денари. Тоа што ние го воведовме во 2010 година не само што го одржуваме континуирано, туку и постепено го зголемуваме на задоволство на оние на кои им е потребно “, изјави премиерот Никола Груевски.

Премиерот Груевски најави и погодност за постипломците од социјално загрозените семејства. Донесен е заклучок на владина седница- 10 проценти од запишаните на магистерски и докторски студии да се од ранливите категории граѓани и тие да не плаќаат за студиите.

„Доколку има повеќе од 10 отсто кои конкурираат, во тој случај критериумот да биде за оние кои имаат најниски приходи, односно се во најзагрозена социјална категорија. Со ова, сакаме да излеземе во пресрет на лицата кои се со пониски примања во своите семејства, а имаат капацитет и ги поминуваат условите за запишување на магистерски или докторски студии“, рече премиерот Груевски.  

Груевски објасни дека оваа погодност била предвидена во нивната програма и сега Министерството за образование ќе треба да ја спроведе при наредната измена на Законот за високо образование.

 

Миле А. Ристески