Интензивна изградба на новите автопати
Интензивно се работи на новите автопатишта: Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид, Демир Капија –Смоквица. Се пробиваат трасите, се градат тунели и мостови. На изградбата се ангажирани 2 илјади работници. Добрата инфраструктура е клучна за посилна економија...

Оперативата е на терен, се градат новите автопати. Македонија добива нова слика во патната инфраструктура. Градежната машинерија ги забрзува активностите. Интензивно се гради патната делница од Демир Kапија до Смоквица со која ќе се комплетира автопатскиот дел од стратегискиот Kоридор 10 на македонска територија. Новиот автопат во должина од 28 километри ќе го скрати патот до крајниот југ на земјава. Завршени се над 60 проценти од градежните работи. Целосно се пробиени двата тунели, а се работи и на изградбата на 6 мостови. На отворената траса се реализирани над 57 отсто од работите. Изведени се 44% од надпатниците и 97 отсто од потпатниците. Ангажирана е и домашната оператива. На терен работат околу 700 македонски градежници.
„Моментално се ангажирани над 700 работници, а ако ги земеме предвид и останатите автопаски делници, Скопје- Штип и Кичево- Охрид, бројката надминува 2.000 работници. Ако ги земеме предвид и работниците кои работат на регионалните, магистралните и локални патишта, тогаш бројката надминува 2.500 работници кои се ангажирани на изградба на патната инфраструктура“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Со несмален интензитет се гради и автопатот Штип- Свети Николе. Пробиени се 80 проценти од трасата долга 47 километри. Изградбата почна лани во мај, а треба да зврши во септември 2017 година. Се пробива и трасата од Кичево до Охрид која за неколку години ќе стане модерен пат. Ова автопатско решение е најголем инвестициски проект во последните 50 години. Автопатот со должина од 57 километри ќе чини 375 милиони евра. Се модернизираат и локалните и регионалните патишта.
„Во моментов работиме на преку 230 километри патна инфраструктура, а 130 километри од таа патна инфраструктура се автопатишта“, изјави Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.
За бизнис секторот новите автопати ќе значат и посилна економија. Ќе го олесни транспортот и ќе ги намалат трошоците за производство.
„Ќе се овозможи побрз проток на материјали и репроматеријали до фабриките, полесен пристап до купувачите на стоката, а сето тоа ќе влијае врз намалување на цената на трошокот кој треба да се направи за да се произведе еден производ. Сето ова ќе донесе големи придобивки за македонската економија“, смета Сеад Кочан, претседател на Комора за градежништво при ССК.
Со пари од Светска банка се работи и на санација на свлечиштата кои се активираа во текот на зимската сезона. Лани биле завршени 6, а годинава се објавени тендери за 7 свлечишта.
Сунчица Николоска
