Собранието ги изгласа измените на Законот за азил
Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил...

Пратениците во рамките на 56-та седница ги донесоа измените на Законот за азил и привремена заштита, кој меѓу другото предвидува регуларен престој на мигрант од 72 часа по што ќе мора да ја напушти земјава или да побара азил.
Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, образложувајќи го законот, истакна дека измените на законот се прават поради зголемениот број мигранти кои транзитираат низ државата. Измените, ќе придонесат за поголема безбедност и намалување на ризиците на мигрантите, а МВР ќе добие посоодветна евиденција за лицата кои влегуваат во државата.
