Партиските лидери на нова средба за надминување на политичката ситуација

19.06.2015 11:14

На последната средба на 10 јуни во Брисел со посредништво на европретставници , лидерите на политичките партии не најдоа решение за излез од политичката ситуација во која се наоѓа земјата...

Во Клубот на пратениците попладнево ќе се одржи нова лидерска средба меѓу претседателите на четирите најголеми партии за изнаоѓање на решение на актуелната политичка криза.

На средбата се очекува да присуствуваат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, како и евроамбасадорот Аиво Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли.

На последната средба на 10 јуни во Брисел со посредништво на европретставници , лидерите на политичките партии не најдоа решение за излез од политичката ситуација во која се наоѓа земјата.

Претходно, на 2 јуни во Скопје беше одржан состанок по кој еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека е извесно постигнување договор за решавање на политичката криза и ја најави бриселската средба.

Меѓу другото, Хан појасни дека до крајот на април наредната  година би требало да се одржат нови предвремени парламентарни избори, да се направат измени во изборниот законик и во избирачкиот список.