Груевски за „Ди Пресе“:Граѓаните одлучуваат на кого му ја даваат довербата
„Бројките покажуваат дека развиваме добра економска политика. Затоа граѓаните гласаат за нас“- вели во интервју за австриски „Ди Пресе“, премиерот Никола Груевски. Се согласува нови избори и кон крајот на јули, но, опозицијата настојува да бидат одржани во април...

„Граѓаните одлучуваат на кого му ја даваат довербата“, вели премиерот Груевски за австриски „Ди Пресе“. Согласен е за избори и кон крајот на јули, но опозицијата бара да се одржат во април. Вели дека креираните материјали, според него, се уцена од опозицијата за формирање техничка влада.
„Ние се согласуваме да има нови избори и кон крајот на јули, но, опозицијата настојува истите да бидат одржани во април. Граѓаните се тие кои треба да одлучат кој треба да биде во владата а кој во опозицијата. Минатиот април мојата партија ги доби изборите. Немаше неправилности. И покрај тоа, лидерот на социјалдемократите не ги признава изборите и бара формирање на техничка влада“, вели премиерот во интервјуто.
За премиерот, е реална заканата за одземање на препораката со Унијата, ако политичката криза не се реши.
„Недобивањето на препорака од комисијата за нас ќе претставува чекор наназад. ЕУ комесарот Хан навистина ни помогна. На 2 јуни постигнавме договор кој предвидува организирање на избори во април. Дотогаш решението е основање на комисија за истражување во парламентот. Ние се залагаме за кристално чисти избори“, вели Груевски.
„Владата е поддржана од граѓаните поради квалитетните економски политики“, вели Груевски и најавува дека економските реформи и отворањето нови работни места нема да запрат.
„Во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше 38%, додека денес иако е повторно висока, изнесува 27.3%. Успеавме да отвориме 130.000 работни места благодарение на странски инвеститори привлечени поради најниските даночни стапки во рамки на ЕУ. Јавниот долг кој изнесува 36% од БДП е умерен и воедно понизок споредено на ниво на ЕУ. Бројките покажуваат дека развиваме добра економска политика. Затоа граѓаните гласаат за нас“, нагласува премиерот Груевски.
Груевски тврди дека напредокот кон НАТО и ЕУ е врвен приоритет, иако на патот пречи Грција, но, ЕУ е оптимално ангажирана со грчката криза. Во однос на етничките прашања поврзани по инцидентот во Куманово каде што беше разбиена криминално- терористичката група, Груевски вели дека албанците се целосно интегрирани и се дел од владата.
Андријана Атанасовска
