Средба Иванов- Ален: САД да помогнат во зголемување на безбедноста во регионот
Претседателот Ѓорге Иванов денеска престојува во Братислава, Словачка, кадешто учествува на 10-от глобален форум за безбедност „Глобсек 2015“.. Иванов ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: дали влогот е целосна и слободна Европа?“...

САД да го помогне зголемувањето на довербата и безбедносните служби во регионот. Без таков ангажман, Западниот Балкан и натаму ќе биде ранлив од заканите на насилниот екстремизам и радикализмот, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на средбата со специјалниот претставник на американскиот претседател Обама, во коалицијата за борба против тероризмот, генерал Ален.
Како што рекол Иванов, Македонија се надева и на засилена поддршка од САД за нашето членство во НАТО- тоа позитивно ќе влијае на стабилноста и безбедноста во регионот.
САД целосно се подготвени за продолжување и интензивирање на соработката со Македонија, во областа на безбедноста, рекол генералот Ален.
Попладне пак, претседателот Иванов на маргините на безбедносниот форум во Братислава ќе има и средба со словачкиот претседател Кишка. Се очекува на средбата да бидат разменети мислења за состојбите во регионот на ЈИЕ, како и за билатералната соработка. Но, се очекува и поддршка од Словачка за македонските евроатлански интеграции.
Претседателот Иванов, на Глобалниот безбедносен форум ќе говори доцна вечерва на сесијата „Балканска шаховска табла, дали влогот е целосна и слободна Европа?“. Во фокусот на на овој јубилеен десетти форум е улогата на Централна Европа во Украина, надворешната политика на САД, колективноста на НАТО Алијансата, како и економските карактеристики на Вишеградската група.
Учествуваат 12 претседатели на држави и влади, 24 министри за надворешни работи, одбрана и парламентарни делегации, како и 28 извршни директори на глобални компании и тинк тенк организации.
Инаку, форумот го отвори британскиот премиер Дејвид Камерон, кој говореше за ситуацијата во Украина, но и за состојбата во Европа.
„Глобсек“ е најугледна и најреномирана конференција која тежнее на глобално ниво да ја промовира надворешната и безбедносната политика во Централна Европа.
Милчо Велески, специјален известувач за МРТ од Братислава
