Незири: Регионалната соработка важен предуслов за долгорочна стабилност

19.06.2015 14:34

Министерот за економија Беким Незири, денеска се сретна со неговиот бугарски колега Божидар Лукарски пред почетокот на Економскиот форум за Југоисточна Европа во Софија...

Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е на завидно ниво. Бугарија е на 6-тото место од десетте држави со кои имаме најинтензивна соработка, оцени министерот за економија Беким Незири, кој денеска се сретна со неговиот бугарски колега Божидар Лукарски пред почетокот на Економскиот форум за Југоисточна Европа во Софија.

На средбата е договорено Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината, а министерот Незири го поканил Лукарски да ја посети Македонија и го запознал со 13-те слободни економски зони кои се можност за инвестирање на бугарските компании.

Министерот Лукарски изразил задоволство од поканата за посета на Република Македонија, потврдувајќи дека Скопје ќе биде меѓу приоритетите на неговата агенда.

Министерот Незири се обрати и на Економскиот самит што се одржува во рамки на бугарското претседавање со Процесот на соработка на ЈИЕ. Во своето обраќање, се задржа на значењето на регионалната трговија како фактор на раст, бидејќи пет од вкупно 11 главни цели се поврзани со трговијата и инвестициите.