Почна продажбата на едномесечен зелениот картон
Осигурителните компании почнаа да издаваат едномесечни зелени картони. Цената изнесува од 30 до 50 евра. Граѓаните кои патуваат еднократно во летните месеци очекуваат да заштедат...

Зелена карта може да се извади и за еден месец. Стапи на сила владината одлука. Цената за помалите автомобили ќе чини 30 евра, а за оние над 66 киловати ќе биде 50 евра.
„Постојат две варијанти за вадење на зелен картон, покрај онаа општата, која важеше и досега за подолг временски период, поврзано со регистрацијата на возилата, сега се создава и можност за вадење на едномесечен меѓународен зелен картон, што е добра можност за граѓаните“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Едномесечниот зелен картон е добредојден за време на туристичката сезона, велат граѓаните. Ќе им биде во полза на оние кои патуваат во странство еднаш годишно, и тоа за време на одморите.
„Време на одмори е, треба да биде поевтино... Добро е, еднаш месечно е добро... За ние што одиме еднаш годишно на домор, таман е, ќе заврши работа“, велат граѓаните.
Осигурителните компании почнаа да ги подготват полисите за спроведување на владината одука. Оценуваат дека новите промени ќе ги намалат трошоците на граѓаните, а ќе влијаат и на подобрување на бизнисот.
„За осигурителните компании, секоја можност повеќе за граѓаните, е можност повеќе за унапредување на бизнисот“, изјави Даријан Раденковиќ, вработен во осигурителна компанија.
И натаму останува да важи зелениот картон на годишно ниво. Чини од 60 до 90 евра во зависност од моќноста на возилото.
До септември 2011 македонските граѓани имаа можност да извадат зелен картон за 1,3,6 и 12 месеци. Цената за еден месец чинеше 40 евра, а за една година 150 евра.
Сунчица Николоска
