Струга го доживува својот туриститчки бум

19.06.2015 17:16

Струга, единствениот град на Балканот во кој реката истекува од езерото наместо да се влева во него, последниве години го доживува својот туристички бум. Туристичките работници брзо ја сфатија потребата од инвестирање во удобност, но и од важноста на погледот за кој странскиот турист не прашува колку чини...

Струга е град кој лежи на две води. Од едната страна Охридското езеро и реката Црн Дрим која го дели градот на два еднакви дела. Автентичната староградска архитектура во централното градско подрачје го прави уште поинтересен за странските посетители. И кога времето не е наклонето за летните уживања во бистрите езерски води, Струга им нуди на туристите разонода, посета на куќата на Браќата Миладиновци, разни цркви, џамии и манастири како оној во Калишта но пред се живописната природа на планината Јабланица, Радожда и познатат Охридска пастрмка но и познатата елитна населба Елен Камен. За туристите најважна е љубезноста кај месното население.

„Струга е навистина автентичен град и ни се допаѓа се, убава е и природата, но и македонската храна, но најмногу од се ми се допаѓа гостопримливоста на народот“, вели една туристка од странство.

Дека туризмот се движи во вистинска насока зборува и податокот што се потпишаа и нови 3 годишни договори со туристите од земјите на Бенелукс.

„Нашиот партнер од земјите на Бенелукс ги продолжува договорите со хотелиерите на Охридско струшката ривиера, со потпишување на нови три годинишни договори, кои изнесуваат неколку милиони“, вели директорот на Фибула травел, Асим Меџедовиќ.

Струга полека станува и елитна туристичка дестинација. Со изградбата на хотелот со 5 ѕвезди кој располага со спа центар и аква парк, кој е единствен на Охридското крајбрежје но и неколкуте елитни приватни плажи во самото градско подрачје, Струга станува поинтересна не само за странските туку и за домашните посетители со подлабог џеб. Според првиот човек на ХОТАМ, од голема важност е Охрид и Струга со целото крајбрежје да работат на туризмот како една неодделна туристичка дестинација.

„И Охрид, и Струга и Пештани и цело крајбрежје од Свети Наум до Радожда треба да биде едно, да се воспостави некоја бродска линија што би ги поврзувала сите овие населени места, што значи за туристот кога ќе дојде да му биде една голема дестинација“, вели Крсте Блажески- претседател на ХОТАМ.

Струга на домашните гости им нуди повеќе мир, спокој и пристојни цени, Охрид располага со повеќе знаменитости, но и забава за помладата популација. Близината на двата града на Охридското езеро претставува идеална комбинација и исполнување на желбите не само на странските туку и на домашните туристи, а Охридското езеро се уште во земјите кои не откружуваат се смета за „Македонското море“ на Балканот.

Јованчо Наумоски