Министерот Мисајловски на состанок за европски транспортни коридори во Рига

22.06.2015 15:06

На состанокот присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, а на него ќе се разговара за главната мрежа на европските транспортни коридори во рамки на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан...

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска учествува на министерскиот состанок „Денови на европските транспортни коридори“ што се одржува во Рига, Латвија.
 
На состанокот присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, а на него ќе се разговара за главната мрежа на европските транспортни коридори во рамки на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан.
 
Целта е оваа основна мрежа да биде изградена до 2030 година со т.н „тен-стандарди” кои опфаќаат изградба на железничка пруга со брзина од 110 километри на час, како и изградба на патишта на ниво на автопат или експресен пат.
 
Министерот Мисајловски ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира македонската Влада за развој на Коридорот 8 и 10, како и унапредувањето на поврзаноста со регионот и земјите од Европската унија.
 
Македонија влезе во еден инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура. Моментално на Коридорот 10 активно се работи на автопатот Демир Капија–Смоквица. Во меѓувреме се работи на реконструкција на автопатската делница Велес - Скопје (Катланово), а за кратко време ќе започне да се реконструира и делницата од Смоквица до Гевгелија со што ќе се добие еден модерен автопат кој претставува транзитна врска од север кон југ и обратно, истакна Мисајловски.
 
Во делот на патната инфраструктура на Коридорот 8, министерот Мисајловски ги претстави и проектите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, како и плановите за изградба на автопатска деланица од Гостивар до Кичево.
 
За нас многу значен проект е изградбата на новата пруга кон Република Бугарија и кон Република Албанија. Со изградбата на оваа пруга, Република Македонија ќе добие железничко поврзување кон исток и кон запад, важен сегмент за регионалното поврзување, посочи Мисајловски.
 
Покрај министрите за транспорт на Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, БиХ и Бугарија, на состанокот присуствуваше и комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц.