Министерска конференција во Белград: Со заеднички настап до поевтини лекови

22.06.2015 15:12

Во Белград се одржува министерска конференција за јакнење на позициите на Здравствената мрежа во земјите од Југоисточна Европа на која учествува и македонскиот министер Никола Тодоров. Целта е да се изнајдат модели за заеднички набавки на вакцини и лекови со што ќе се влијае врз намалувањето на цените...

Да се изнајдат начини за заедничка набавка на вакцини и лекови од сите здравствени фондови во регионот, со што ќе се придонесе кон намалување на цените и пренамена на средствата кон други важни потреби-беше главната поента од трилатералната средба на министрите за здравство на Македонија, Србија и на Црна Гора, во рамки на конференцијата за здравство на земјите од Југоисточна Европа што се одржа во Белград.  Министерот Тодоров  ги истакна здравствените предизвици во регионот.

„Разговаравме за здравствените предизвици во регионот и во нашите земји, но и  отворивме прашање за заедничка соработка, особено за заедничка набавка на вакцини и лекови. Со ова позитивно ќе влијаеме на цената, односно на намалување на трошоците и овозможување на реалокација на тие средства за други здравствени потреби, имајќи во предвид дека секогаш средствата во здравството не се доволни“, изјави министерот Никола Тодоров.

Инаку главна тема на Министерската конференција на здравствената мрежа на земјите членки од ЈИЕ  е соработка во здравството и изнаоѓање  брзи одговори на современите здравствени предивици во јавното здравство.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ