Расте кредитирањето кај граѓаните

22.06.2015 17:06

Најмногу се земаат потрошувачки и станбени кредити. Статистиката покажува дека физичките лица се подисциплинирани во отплаќањето на обврските за разлика од компаниите. Не се очекува пораст на каматите...

Политичката криза не влијае на банкарскиот сектор. Расте кредитирањето кај граѓаните. Од почетокот на годината побарувачката на кредити е зголемена за 5,2%. Споредено со истот период од лани во пораст е за 12,4 отсто.

Граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити. Во изминатите години побарувачката  за автомобилски кредити нагло паѓа, што се должи на слабата продажба на нови возила.

„Потрошувачките кредити најчесто се однесуваат за некакви мали реновирања, рефинансирања, додека станбените кредити, она што не радува е дека се реални кредити за купување на нови станови или градење на нови куќи. Тие се оние кредити кои ја движат економијата напред“, изјави Антонио Аргир, НЛБ Тутунска банка.

Граѓаните признаваат дека со тешко срце се задолжуваат, но кога ќе се решат да бараат банкарски заем, тоа најчесто го прават за купување стан.

„Потрошувачки кредит имам користено... Последниот пат земавме за стан, условите беа малце неприфатливи, меѓутоа моравме да земеме за да им помогнеме на децата да купат стан...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Статистиката покажува дека граѓаните се подисциплинирани во враќањето на кредитите за разлика од компаниите. Поголем е бројот на нефункционални кредити кај фирмите, а и кредитирањето на корпоративниот сектор е со помала динамика. Во изминативе месеци бележи пораст од 1,2 процента.

„Правните лица сепак не зависат од својата плата, туку од она што ќе го направат и нивната варијабилност во приливитее поголема, и заради тоа се јавува поголем проблем во враќањето или сетирањето на можностите за враќање кај правните лица, особено на подолг рок“, смета Аргир.

Банкарите не очекуваат пораст на каматите, поради одличната ликвидност на банкарскиот сектор е можен пад на депозитните стапки, што можат да донесат помали каматни стапки.

 

Сунчица Николоска