Грција, Египет, Турција и Хрватска – хит дестинации за летово

23.06.2015 16:46

Се брка почетокот на сезоната за поевтин одмор. За оние кои ќе летуваат во земјава – домашните центри со збогатена понуда и модерни плажи ќе привлекуваат гости...

Туристичките агенции со полни раце работа. И годинава избор за летување на македонските граѓани во екот на сезоната се плажите во Грција, Турција и Бугарија. Интерес има и за егзотичните дестинации. Туроператорите се задоволни од продажбата на аранжманите. Цените се конкурентни, се нудат примамливи промотивни пакети. Рани резервации се прават уште од почетокот на годината, но има и такви кои што чекаат последен момент.

„Се трудиме секогаш да имаме некоја специјална и актуелна понуда и која е поволна за граѓаните“, вели Ана Крстевска Каламатевска, вработена во туристичката агенција.

Македонците што располагаат со повисок буџет за летување, се решаваат за хотелски аранжмани и подалечни дестинации.

„Најевтиниот е од 289 евра, додека најскапиот зависи од категоријата на хотелот, некогаш достигнува и до 4.000 евра, а зависи нормално и од услугата и сместувањето“, вели Сузана Зелениковска, вработена во туристичка агенција.

Граѓаните се уште прават пресметки. Велат колку и да се нема, за летен одмор мора да се најдат пари.

„Имаме планови, најверојатно во Турција... Надвор од државата, Франција... Сме оделе и со агенции, но и приватно можат да се најдат поевтини сместувања“, велат граѓаните.

Во последните години македонските туристи ги менуваат навиките за летување.

Оние кои што не можат да си дозволат одмор сред сезона, кога аранжманите се најскапи најчесто резервации прават за поевтините понуди кои почнуваат од 15 август и траат цел септември.  

 

Сунчица Николовска