Репортажа на МРТ:

Плажите во Преспа го враќаат стариот сјај

23.06.2015 16:56

Прекрасната природа и езерото се магнет за странските гости. За убавините на овој крај пред камерата на МТВ проговорија и холандските туристи кои турата не сакаа да ја затворат пред да го посетат ова место...

Некогаш најпосетените песочни плажи на Преспанскоте езеро го враќаат стариот сјај. Уште сезонава Стење ќе добие модерен лик, атрактивна плажа со шанкови и лежалки.

Прекрасната природа и езерото се магнет за странските гости. За убавините на овој крај пред камерата на МТВ проговорија и холандските туристи кои турата не сакаа да ја затворат пред да го посетат ова место.

„Овде сме две групи. Престојуваме шест дена. Ни се допаѓа Стење, се гради и плажата. Денеска водата е малку ладна, но пливаваме. Природата е прекрасна... Јас сум од Холандија. Дојдов овде за природата, езерото, но и за пеперутките. Едвај чекам да им ги покажам сликите на моите пријатели“, велат туристите кои ги анкетиравме.

Воздушна бања и прошетка со катамаран гостите може да добијат во Отешево. Оние кои биле лани се задоволни, повторно доаѓаат-  велат менаџерите. Место повеќе се бара и во камповите .

„Во последно време правиме напори да го развиеме туризмот и задоволни сме од зголемениот број на гости“, вели Ванчо Стојановски, менаџер на хотел, Отешево. 

Збогатување на туристичката понуда и развој на земјоделството е она што е потребно за  Преспа да стане интересна за инвеститорите. Во моментов се работи на изработка на деталните урбанистички планови кои ќе овозможат изградба на нови хотели и плажи.Т оа ќе помогне да се намали процентот на одлив на младите, вели градоначалникот Стрезовски.

„Во моментов се работат детални урбанистички планови за населбите кои гравитираат околу Преспанскот Езеро и со нивната изработка се надевам дека ќе овозможиме влез на инвеститори“, изјави Ѓоко Стрезовски, градоначалник на општина Ресен.  

Плажите на брегот на Преспанското Езеро лани ги посетиле околу 15.000 туристи.

 

Дијана Ценевска