Раковец: Граѓаните на Македонија заслужуваат да живеат во земја со евроатлантски вредности

23.06.2015 17:14

Словенија на 25-ти јуни прославува 24 години од независноста, и е членка на НАТО и на ЕУ од 2004-та. И Македонија и Словенија државноста во 1991 ја остварија благодарејќи на критериумите на Бадентеровата комисија која во 1991 напиша дека само овие две земји ги исполнуваат условите за целосна независност. Оттогаш, земјава сеуште се соочува со предворјето на евроатлантските интеграции...

Веќе 16 години Македонија е во чекалницата на НАТО, а од 2004-та како кандидат очекува почеток на преговорите со Европската унија. Евроатлантските интеграции се во застој иако според критериумите на Алијансата, Македонија предничи пред повеќето членки на НАТО, особено при извршувањето на меѓународните мисии на македонските армиски мировници. Што се однесува до Европските интеграции, земјава добива шест препораки едноподруго за почеток на преговорите. За словенечкиот амбасадор Раковец нема дилема. 

„Граѓаните и лидерите на Македонија го направија изборот. Тие сакаат да живеат во земја со евроатлантски вредности. Тие сакаат да станаат полноправни членки во евроатлантските интеграции. И ова е тоа што граѓаните на Македонија навистина го заслужуваат. Што се однесува до одговорноста, можам да ве уверам дека Словенија и натаму ќе биде пријател на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ членството“, изјави словенечкиот амбасадор во Македонија, Бранко Раковец.

Преседанот во евроатлантското придружување е во правниот и дипломатски лавиринт околу взаемното решение на разликите околу името со Грција. Разликите се решаваат под покровителство на ООН, но клаузулата на НАТО и на ЕУ наменета за земјава за „прием на земјава откако ќе се најде решение за спорот“ недвосмислено сугерира која од страните треба да ја направи отстапката.

Брисел, Вашингтон, Њујорк, Скопје и Атина, се дестинациите на дипломатите за надминување на разликите повеќе од 20-на години. За подотворање на вратите на ЕУ и заобиколување на билатералната блокада беше создаден високиот дијалог за врски и  придружување, а сега со надминувањето на тековната политичка криза се нуди и неформално отворање на поглавјата 23 и 24, што е европски обид за приближување на Македонија кон ЕУ надвор од билатералата со Грција околу името.

 

Зоран Богатинов