Советот за општи работи на ЕУ ги усвои заклучоците за Македонија
Советот на ЕУ ги усвои заклучоците за Македонија предложени од Комитетот за надворешни работи на Унијата. Основата на препораките е почитување на договорите постигнати на 2-ри и 19-ти јуни. И натаму останува препораката за почеток на преговорите...

Партиите да го почитуваат договореното од 2-ри и 19-ти јуни и да се имплементираат реформите од препораката на Европската Комисија – е наведено во заклучоците кои денеска попладне ги усвои Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, истакна на прес конференцијата министерот за надворешни работи на Летонија, Едгарс Ринкевичс.
„Дискутиравме за последниот развој на политичките случувања во земјата и нејзиниот евроинтегративен процес, што вклучува исто така пораки што ЕУ ги испраќа до политичките лидери на земјата. Ние истакнавме дека политичките партии мора да го почитуваат договорот од 2-ри јуни и оној од 19-ти јуни. Исто така ја потцртавме повеќепати досега важноста од имплементација на реформи во областа на владеењето на правото, вклучително основните права, судство, слобода на медиуми и слобода на избори, корупција и партизацијата на државните институции“, изјави Ринкевичс.
Ринкевичс се надева дека пораката ќе биде слушната во Македонија, и токму затоа, засега ЕУ не планира понатамошни чекори, сепак развојот на состојбата во нашата држава ќе биде внимателно следена.
„Ако ситуацијата не се промени, се разбира, како што кажавме повеќепати, ние дефинитивно ќе се вратиме на ова прашање и ќе имаме дополнителни дискусии за тоа што е дел на ЕУ“, нагласи Ринкевичс.
Тој ги поздрави напорите на комесарот Хан во смирување на ситацијата на теренот, и потенцираше дека во заклучоците е наведена јасната порака до партите да се посветат на политичкиот дијалог и реформскиот процес неопходен за евроинтеграцискиот пат на Македонија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
