Замина првата група деца на бесплатен одмор во Струга

24.06.2015 12:25

Проектот за бесплатен летен и зимски одмор за децата од семејствата во социјален ризик се реализира од 2012 година и досега оваа поволност ја имаат искористено 9.000 семејства во социјален ризик, а заклучно со годинава ќе ја искористат 11.000 деца...

Стотина деца од Куманово и Скопје утрово тргнаа на бесплатно  летување во Струга. Среќни, возбудени, поголем дел од нив прв пат одат на одмор. Расположени се за дружба и подготвени да научат да пливаат.  

„Децата се пресреќни, се дружат, без разлика на нивната социјална категорија, на потребите. Тие се сите заедно“, вели Каролина Ѓорѓиовска, родител.

За одморот да им остане во добро сеќавање ќе се погрижат волонтери на Црвениот крст.

„Ќе организираме голем број рекреативни и едукативни сесии, а заедно со спасителите од Црвениот крст во Струга ќе се грижиме за нивната безбедност на плажа и сите оние кои не знаат да пливаат да им се помогне да научат“, изјави Сузана Тунева Пауновска, генерален секретар на Црвен Крст на Град Скопје.

На секои седум дена се до крајот на август ќе патува по една група, се додека не заминат сите 2.000 деца од социјално ранливите семејства.

„Вкупно оваа услга досега ја искористија над 9.000 дечиња, што е значителна поволност за над 9.000 семејства кои се во социјален ризик. кои примаат социјална парична помош, постојана помош или пак детски додаток. Исто така оваа поволност важи и за децата со пречки во развојот како и за децата без родители и родителска грижа“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Досега 6.000 деца биле на летување, 3.000 на зимување. Заклучно со оваа година услугата ќе ја искористат 11 илјади деца.

 

Наташа Јанчиќ