Грција и Македонија со конкретни мерки за доверба

24.06.2015 15:04

Министрите за надворешни работи Попоски и Коѕиас договорија листа со мерки за доверба на средбата во Скопје. Шефовите на дипломатиите за спорот со името сметаат дека треба да се реши со ангажман од двете страни. Грчкиот гостин се сретна и со шефот на државата Иванов и со премиерот Груевски...

Мерки за доверба и спорот за името- главни теми на разговор меѓу Попоски и Коѕиас. Грција придонесува за стабилноста и безбедноста, а со вашата држава имаме заеднички интереси, рече грчкиот министер за надвореши работи. „Сакаме вашата држава да го изоди европскиот пат. Многумина овде мислат дека Грција не сака да постои оваа земја, но, ние сме благодарни што сме соседи“, изјави Коѕиас.

Констатацијата за спорот за имњето е дека разликите треба да се решат, а за тоа бил неопходен ангажман од двете страни. За почеток се договорени мерки за доверба.

„Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение“, рече Коѕиас.

Коѕиас и Попоски заклучиле дека не постои иредентизам, и дека секој народ има право на сопствен идентитет. Енергетика, трговија, здравство, образование култура право и безбедност се облсатите во кои Скопје и Атина ќе градат доверба. Сепак, најслабата алка во грчко македонските односи е довербата, а најсилната е интересот и мотивот на граѓаните, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

„Денес немаме решение за овој спор, тоа е сигурно, но имаме пристап кој би ни овозможил во некое догледно време да градиме клима на приближување помеѓу двете земји. Нашиот најголем проблем е непостоењето на доверба, особено на политичко ниво и тоа непостоење на доверба не може да ве доведе до ситуација да решавате толку тежок и сложен проблем кој задира во најдлабоките емоции на граѓаните, и тука и таму“, нагласи министерот Попоски.

Грчкиот гостин оствари средба и со премиерот Никола Груевски, била истакната потребата за континуирано унапредување на добрососедските односи. Двете земји ја потенцирале значајноста на процесот кој се води под медијаторство на Обединетите Нации за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за отвореното прашање.  Била нагласена и  заложбата за интеграција на сите земји од регионот во Европската Унија.

Грчкиот министер се сретна и со македонскиот претседател Иванов.  Двајцата соговорници се согласиле за неопходност од соработка и доверба на македонските и грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот. Вицепремирот за евроинтеграции Фатмир Бесими го истакнал очекувањето дека Грција ќе ја подржи отворено интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

 

Миле А. Ристески