Државна кардиохирургија- по сите светски стандарди

24.06.2015 15:30

Сѐ помалку операции на срце ќе се извршуваат во странство. Отворена е најсовремената Државна кардиохирургија во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Вкупната опрема, најсовремената апаратура и изградбата ја чинеа државата околу 2 и пол милиона евра...

Опремeна според сите светски стандарди - во новиот објект на Државната кардиохирургија за две до три недели ќе почнат да се извршуваат најсложените операции. 50-мина вработени се подготвени и за трансплантација на срце. Тимот работи под менторство на кардиохирурзи од Дедиње. Двајца наши доктори има на едукација во Загреб.

„Се надевам дека колегите кои се на едукација кај нас во загреб ќе постигнуваат европски и светски резултати во овие квалитетно опремени простории“, изјави проф. д-р Бојан Биочин, Клиника за кардиохирургија Ребро - Загреб.  

„Оваа клиника ќе послужи не само за идна едукација на студентите туку ќе биде едукативен дел и за кардиохирурзите кои ќе станат дел од државната кардиохирургија“, вели проф. д-р Предреаг Милоевиќ, Институт за кардиоваскуларни заболувања Дедиње.

Покрај кардиохируршки операции, e планирано да се изведуваат и васкуларни интервенции.   

„Идејата е да се изгради клиника која  навистина ќе трае и ќе има европски ритам и ништо да не се остави на случајност“, изјави д-р Сашо Јовев, кардиохирург.

На простор од 750 квардратни метри се инвестирани 100 милиони денари.

„Државната кардиохирургија ќе биде подготвена на сите предизвици во оваа сфера во која го имаме најголемиот морбитет и морталитет. Над 50 проценти од морталитетот отпаѓа на овие заболувања“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров. 

И без сопствени простории, Државната кардиохирургија функционира една година. Првата интервенција беше извршена во март лани. Плановите се годишно да се оперираат 600 пациенти.

 

Андријана Атанасовска